Поимник (Преземен од законот за спречување и заштита од дискриминација)

  • Афирмативни мерки се активности на надлежните државни органи кои се насочени кон спречување и заштита од дискриминација, односно намалување или елиминирање на фактичка нееднаквост којашто настанала како резултат на претходна дискриминација;
  • Архитектонско опкружување се сите објекти во јавна употреба кои се на располагање на луѓето за користење или кои се поврзани со задоволување на одредени потреби или со добивање одредени услуги;
  • Дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа;
  • Дискриминаторско однесување и постапување е секое активно или пасивно однесување на секое лице од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на која било од дискриминаторските основи;
  • Брак е заедница на живот исклучиво на еден маж и една жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството; Службен весник на РМ, бр. 50 од 13.04.2010 година 3 од 13
  • Еднаквост е начело според кое сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во обврските и правата. Еднаквоста ја подразбира различноста, односно подразбира постоење неистоветни лица кои треба да бидат еднакво третирани;
  • Ефективна заштита е постоење систем од достапни и употребливи механизми за поведување постапка во случај на дискриминација, постоење независни и објективни структури кои постапуваат по поднесените жалби врз основа на однапред предвидени процедури и постоење на однапред предвидени санкции за конкретни повреди на правата;
  • Легитимна (објективно оправдана) цел е цел која не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори, а којашто соодветствува со реалните потреби, однапред е прецизно дефинирана и е пропорционална на ефектите кои треба да се постигнат;
  • Лице е физичко лице кое престојува на територијата на Република Македонија и правно лице кое е регистрирано, односно врши дејност на територијата на Република Македонија;
  • Легитимен интерес претставува оправдување за интересот и активното вклучување на одредено лице во преземањето конкретни активности, заради своја сопствена засегнатост од последиците на тие активности, заради поширок однапред пројавен интерес за одредени општествени случувања, односно заради предвидено овластување со закон за занимавање со определени активности;
  • Маргинализирана група е група од поединци кои ги обединува специфична положба во општеството, кои се објект на предрасуди, кои имаат посебни карактеристики кои ги прават погодни за одредени видови на насилство, имаат помала можност за остварување и заштита на сопствените права или се изложени на зголемена можност за натамошна виктимизација и
  • Прилагодување на инфраструктурата и сервисите е преземање соодветни мерки потребни во одреден случај за да му се овозможи на лицето со ментална и телесна попреченост да има пристап, да учествува и да напредува во работниот процес, освен ако овие мерки не наметнуваат диспропорционални оптоварувања за работодавачите.

Поимник на изрази поврзани со дискриминацијата