Постапување на КЗД

Лицето кое смета дека претрпело дискриминација поднесува претставка до Комисијата, писмено или усно на записник, без обврска за плаќање на такса и друг надоместок. 

Со претставката лицето поднесува докази и факти од кои може да се утврди актот или дејствието на дискриминација.

Постапката пред Комисијата за лицата кои живеат во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, можат да употребат кој било од службените јазици и неговото писмо. Ваквите поднесоци Комисијата ги преведува на македонски јазик и неговото кирилско писмо и постапува по нив. 

Комисијата по поднесените претставки одговара на македонски јазик и на неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. 

Претставката може да се поднесе најдоцна во рок од три месеци од денот кога била сторена повредата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација.

Комисијата може да поведе постапка  и по истекот на рокот доколку оцени дека се работи за случај од таква важност за кој би било неопходно и целисходно да се води постапката.     

 Комисијата претставката ја доставува до лицето против кого е поднесена во рок од 15 дена од денот на приемот.  

 Комисијата постапува по претставката доколку постапката пред судот  за истата работа не е веќе поведенa или правосилно завршенa. 

Комисијата не постапува по претставката ако е очигледно дека нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува, ако  во истата работа веќе постапувал, а не се понудени нови докази и ако утврди дека поради истек на времето од  направената повреда на правото, не е можно  да се постигне целта на постапката.